Skip Navigation LinksПочетна : Хепатитис Б

ХЕПАТИТИС Б

 

Хепатитис Б е акутно заразно заболување, еден од најраспространетите облици на хепатитис во светот кој завршува со потполно оздравување или хроничен облик(во околу 10% од случаевите), со можна последица за трајно оштетување на црниот дроб.

 

Етиологија 

Предизвикувач е хепатитис Б вирусот (HBV), кој е од фамилијата Hepadnaviridae, со комплексен антигенски состав. Три значајни антигени на овој вирус се S, C и E (s, c и e). Хепатитис Б вирусот се состои од јадро и надворешна обвивка. Јадрото е направено од јадровен антиген HBcAg, а обвивката го содржи површинскиot антиген-HBsAg. Јадрото ја содржи виралната DNA, HBeAg, и DNA polymerase. HBeAg служи како маркер на виралната способност да ја шири инфекцијата. DNA полимеразата е важен дел на виралниот уникатен процес на репродукција (слика 1). Овие протеински продукти се важни затоа што служат за дијагноза на хепатитис Б вирусот. Досега се познати 8 генотипови (A до H) и повеќе варијанти-мутанти на HBV. Регистрацијата на поедини генотипови е географски и етнички различна. Генотипот на HBV влијае врз природниот тек на инфекцијата и терапискиот одговор. Вирусот може да остане инфективен дури 1 месец на собна температура. Вирусот е 100 пати позаразен од HIV вирусот.

 

Резервоар и извор на зараза 

Eдинствен резервоар на болеста e човек, заболен или носител. Заразноста е долга, од инкубацијата, преку акутната фаза на заболувањето и долго по заболувањето. Кај хроничните болни заразноста трае се додека во крвта е присутен HBsAg. Докажани се и асимптоматски носители на антигенот. Извор на зараза се телесните течности. Концентрација на HBV во различни телесни течности e различна. Се регистрира:

 
  • Висока концентрација во крв и серум;
  • Средна во вагинален секрет, сперма, плунка;
  • Ниска во урина, фекалии, пот, солзи, мајчино млеко;

слика 1

 

Механизам и патишта на пренесување
Основен пат на пренос е контакт, преносот е парентерален-преку крв и крвни деривати. Покрај класичниот инокулациониот, може да се пренесе рреку бакнеж, сексуален контакт, интравенска апликација на дрога, акупунктура, заеднички прибор за тоалета и лична хигиена, теторивање и пирсинг со нестерилни инструменти и др. Хепатитис Б вирусот може да се пренесе и од мајката на детето во текот на породувањето (вертикална трансмисија). Кога мајката е HBsAg+, 5 до 20% од новородените се инфицирани, а 90% од нив имаат хронична инфекција. Доколку мајката е HBsAg+ и HBeAg+, 70 до 90% од новородените се инфицирани, а 90% од нив имаат хронична инфекција!

Влезна врата
Влезна врата за хепатитис Б се кожата и слузокожите.

Осетливост
Осетливоста кон ова заболување е општа. Кај малите деца заболувањето е вообичаено асимптоматско.

Отпорност
По прележувањето останува некаков имунитет.

Инкубација
Инкубацискиот период изнесува од 45 до 180 дена, но најчесто 60-90 дена.

Клиничка слика
Акутниот хепатитис Б е со релативно кусо траење, кој ретко се открива. Околку 50 до 70% од инфекциите се асимптоматични. 5% прогредираат во хроничен хепатитис, цироза на црн дроб или примарен хепатоцелуларен карцином. Децата кои заболуваат од хепатитис Б во најголем дел се асимптоматски, но кај нив стапката на развој на хроничен хепатититс Б е повисока од 95% (слика 2).

слика 2

 

Најчести симптоми во пред иктеричниот стадиум се: малаксаност, губење на апетитот, гадење, мачнина, повраќање, болки во мускулите и болка под десниот ребрен лак. Иктеричната фаза се карактеризира со обоеност на кожата и видливите слузници (иктерус-жолтило) и многу темна мокрача. Стадиумот на реконвалесценција-опоравување трае од 2 до 4 месеци. Активноста на трансаминазите (ензими на црниот дроб) се 10-30 пати над референтните вредности. HbsAg може да е детектибилен во крвта дури и во почетниот период.

Терапија
При класичните акутни форми се применува само хигиено диететски режим и симптоматска терапија. При хроничните форми се користат антивирусни лекови (interferon-alfa, pegiliran-interferon, lamivudin, adefovir, tenofovir). Целта на терапијата е: ерадикација на вирусот и супресија на вирусната репликација; Стоп на прогресијата т.е. фиброзата/некрозата; отсуство на симптоми.

Дијагноза
Дијагностичките тестови за детекција на инфекција со хепатитис Б вирусот претставуваат серумски или крвни тестови за детектирање на виралните антигени или специфични антитела. Хепатитис Б површинскиот антиген (HBsAg) најчесто се користи за утврдување на инфекција. Тоа е првиот детектабилен антиген што се појавува при инфекција. Сепак, во раната фаза по инфекцијата, овој антиген може и да не е присутен и да не биде детектибилен и понатаму во текот на болеста заради елиминација од страна на домаќинот. Единствен серолошки доказ за болеста може да бидат само IgM антителата против хепатитис Б јадровниот антиген (anti-HBc IgM). По појавата на HBsAg, ќе се појави и антигенoт HBeAg, кој е знак за напредната инфекција. При биохемискитe испитувања се одредуваат вредностите на AST, ALT (црнодробните ензими- трансаминази) кои при акутна и хронична HBV инфекција се 5-10 пати повисоки од референтните вредности. Се спроведува и PCR (POLYMERASE CHAIN REACTION)-детекција и одредување на ниво на HBV DNK во крвта (квалитативен и квантитативен), се користат вирусолошки маркери и црнодробна биопсија. Индивидуите кои ќе останат HBsAg позитивни најмалку шест месеци се смета дека се хепатитис Б носители.

Распространетост
Над 400 милиони луѓе во светот се носители на овој вирус. Секоја година се откриваат 3-4 милиони нови случаи. Над 50% хепатоцелуларен карцином се должи на HB вирусот. Како резултат на компликациите на хепатитис Б инфекцијата (цироза и хепатоцелуларен карцином) има околу два милиони смртни случаи годишно. Хепатитис Б е меѓу десетте водечки причини за смрт (шесто место). Во некои делови на светот хепатитис Б инфекцијата e позната како серумска жолтица „serum hepatitis“ и е постојано присутна (ендемична) кај населението, во  Југоисточна Азија и Субсахарска Африка, 15-20% возрасни се хронично инфицирани со хепатитис Б вирусот. Во САД и Западна Европа помалку од 2% од населението се хронично инфицирани. Пат на пренос се интравенското земање дроги и незаштитен секс. Во Источна Европа, Русија и Јапонија, 2 до 7% од населението се хронично инфицирани, болеста предоминантно се шири меѓу децата. Во Кина, Африка, и Југоисточна Азија инфекцијата изнесува најмалку 8%, a најчест пат на пренос е вертикалниот (за време на породувањето) (слика 3). Инфекцијата со HB вирусот може да се подели:

 
  • Висока (>8%): зафатеност над 45% од глобалната популација; животниот ризик за инфекција >60%; Вообичаено рана инфекција кај децата;
  • Средна (2-7%): зафатеност 43% од глобалната популација; животниот ризик за инфекција 20-60%; Инфекцијата се појавува во сите возрасни групи;
  • Ниска (<2%): зафатеност 12% од глобалната популација; животниот ризик од инфекција <20%; Во најголем дел инфекцијата се појавува во адултната (возрасна) ризична група;

слика 3

 

Во Република Македонија во периодот 1997-2008 година се пријавени вкупно 2.171 заболени лица и  641 HbsAg носители.

Тек на епидемискиот процес
Се јавува спорадично. Постојат во светот хиперендемични подрачја со постојано присутно заболување.

Хепатитис Б не се појавува сезонски, се појавува преку целата година.

Мерки на превенција
Хепатитисот Б е превентабилна болест. Би требало да се промовираат специфични протективни мерки:

 
  • Избегнување на ризикот од сексуален пренос;
  • Превенција на перинаталната HBV трансмисија;
  • Рутинска вакцинација на сите новороденчиња;
  • Вакцинација на деца до 11-12 години;
  • Вакцинација на адолесценти;

слика 4

СЗО дава препорака за Хепатитис Б вакцина

1981г.-----Лица со висок ризик;
1991г.-----Сите новороденчиња;
1995г.-----Адолесценти;

 

Достапни се два типа на имунопрофилакса: едниот е пасивна заштита, во која на пациентот му се даваат антитела против хепатитис Б вирусот. Другиот е активна заштита или вакцинација, која го стимулира организмот да продуцира сопствени антитела. Вакцината која се дава кај нас е Хепатитис B вакцина направена од рекомбинирани компоненти и содржи само протеини од обвивката на вирусот, не содржи живи компоненти. Повеќе од 40 милиони луѓе ја примиле во САД и 750 милиони во целиот свет. За активна заштита или вакцинација се дава безопасен хепатитис Б вирусен антиген за стимулација на имуниот систем да продуцира заштитни антитела против хепатитис Б вирусот. Вакцината не содржи вирални компоненти и не е инфективна.

 

 
  • Состав
  • Ефикасност
  • Должина на имунизација
  • Календар
  • Booster доза
Рекомбинат HBsAg
95% (Ранг, 80-100%)
над 15 години
3 дози
Рутински не се препорачува

 

Во Македонија се дава од 2004 год. Сите новородени примаат три дози: 12 саати после раѓање, прва ревакцинација по 1-2 месеци и втора ревакцинација по 6 месеци. Се дава интрамускулно во делтоидниот мускул. Тие лица се заштитени против акутен хепатитис Б, хроничен хепатитис Б, цироза и нејзините компликации (на пример, карцином на црниот дроб), polyartritis nodosa и delta хепатитис. Ова е единствена вакцина која дава превенција од рак. Ерадикацијата на хепатитис Б е возможна само преку компресивна имунизациона програма, која се постигнува со имунизирање на: сите новороденчиња и деца под 19 години, возрасни кои се под зголемен ризик за инфекција (сексуално активни хетеросексуалци со повеќе од еден партнер во последните шест месеци или оние кои имале историја на сексуално пренослива болест; мажи што имаат секс со мажи; корисници на илегални инјекциони дроги; лица со зголемен професионален ризик за инфекција-здравствените работници; пациенти на хемодијализа; домашните членови или сексуалните партнери на лица со хронична хепатитис Б инфекција; штитениците и персоналот на психијатриските установи и затворите). Хепатитис Б вакцината е достапна за употреба од 1982 година. Користењето на хепатитис Б вакцината е строго контролирана од медицински, научни и јавно-здравствени работници и организации. Хепатитис Б вакцината покажува голема сигурност и кога е дадена кај деца и кај возрасни. Нема докази кои би индицирале дека хепатитис Б вакцината предизвикува несакани ефекти, освен многу ретко кои се регистрираат како:

 
  • Болка на местото на апликација (кај возрасни 13-29%; кај новороденчиња и деца 3-9%);
  • Главоболка и замор (кај возрасни 11-17%; кај новороденчиња и деца 0-20%);
  • Температура над 37.7C (кај возрасни 0.4-6%; кај новороденчиња и деца 1%);
  • Тешки систематски реакции-ретко.

Вакцината е високо имуногена кога се дава во раната детска возраст и дава заштита против сериозните компликации од HBV инфекцијата. Долгата имунолошка меморија кај имузираните деца се очекува да ги заштити од инфекција во адолесценцијата и во адултниот период. Доказ за успешноста е спроведената вакцинација во САД (слика 5).

 

слика 5

 

Мерки на сузбивање
Акутниот хепатитис Б инфекција подложи на обавезно пријавување, епидемиолошко испитување, спроведување на дезинфекција, а хоспитализација секогаш не е обавезна.

Советувалиште

ВАЖНО Е ДА ГИ СПРЕЧИТЕ И РАНО ОТКРИЕТЕ ХЕПАТИТИСОТ Б И Ц.
 

 

Само со рано откривање како и правовремено лекување можеме да го спречиме ширењето и развојот на болеста!

 

За информации обратете се на телефонскиот број: 02/321 44 60

или на маил: nvohepta@yahoo.com

 

 

 

 

Годишниот извештај за работата на Асоцијацијата за 2010 година можете да го преземете

 

 

 

тука   


Погледни повеќе ...